Во Берово за Велигденските празници се бара место повеќе. Сите сместувачки капацитети се исполнети до последното место, а резервациите започнале уште пред еден месец.

-Капацитетите се 100% исполнети, без разлика дали се хотелски, индивидуални куќи или викендици, посебно на езерото. Интерес постои за Берово, а тоа е поради условите што ги нуди, чист воздух, прошетка, за релакс- изјави Владо Мишевски, извршен менаџер, хотел Манастир - Берово.

80 % од туристите се од соседна Бугарија, а 20 % отпаѓа на домашните гости. Мишевски вели дека се уште не може да се достигне 2019-та, кога Малешевијата беше атрактивна дестинација за холандските и израелските туристи, но полека состојбата се нормализира.

-Холандските туристи веќе имаат предрезервации, израеслките ги нема се уште, бидејќи тие се малку резервирани во тој дел, додаде Мишевски

Туристичкиот потенцијал на Малешевијата е огромен, меѓутоа многу малку се работи на подобрување на целокупната понуда. На најатрактивната локација покрај Беровското езеро, детското одмаралшите и ресторанот повеќе од една деценија се оставени на забот на времето. Комплексот е во државна сопственост и не е достапен ниту за општината, ниту за приватните инвеститори, кои на неколку наврати покренале иницијатива да им биде даден под концесија, за да го рехабилитираат и стават во функција. За сега сите се оглушиле на нивните барања. Останати се само продавачите на здрава храна, произведена од еколошки чисти шумски плодови.

-Имаме сокови, слатка, мармалади, па и ракиичка се наоѓа, сиренце и компири и очекуваме малку поголем промет- изјави Ванчо Самарџиски, продавач на здрава храна.

И Самарџиски е согласен дека побарувачката на сместувачките капацитети, далеку ја надминува понудата.

-Знали за празниците се бараат повеќе места, меѓутоа нема доволно капацитети. За викендите не се наоѓа место доволно, се сместуваат и во градот, а овде покрај езерото за викендите секогаш се полни- додаде Самарџиски.

Покрај недостатокот од легла, мора уште многу да се работи на развојната стратегија, за да си го заслужи епитетот „малата Швајцарија“ како што мештаните го нарекуваат Берово.

Извор: https://sitel.com.mk/berovskit...