„Пентаграм“, „Вера тера“ и „Фајнд ми“, се само некои од бугарските вина кои од наредната недела ќе се најдат на македонскиот пазар.

Како што беше речено на денешната промоција што ја организира новинската агенција БТА во Скопје, се уште не се знае цената по која ќе се продаваат вината – бели, розе, црвени и купаж кои се од висока и висока средна класа. За околу два месеца се очекува на нашиот пазар да пристигне и бугарската ракија „Бургаз 63 барел“. -Ќе одиме најпрво со основните верзии од вината. Има интересни купажи, а особено добро е виното розе. Ние тука немаме таков вкус. Се работи за одредени специфики во однос на производните услови. За пласманот, со маркетите се уште разговараме. Прво ќе се фокусираме на рестораните, а за неколку месеци очекуваме вината да бидат веќе препознатливи, вели македонскиот увозник Александар Панев.
Според Јорданчо Чорбаџиски, претседател на Управниот одбор на Националната лозаро-винарска комора и извршен директор и член на Управниот одбор на Црноморско злато – Поморие, средбите што се реализираат тука со македонските партнери, во Бугарија се восприемаат многу добро, а им се допаѓаат и на македонските граѓани. -Како Комора, почнавме иницијатива за соработка со нашите соседи, да ги утврдиме позициите и да обрнеме малку повеќе внимание на овие држави, а почнавме со Северна Македонија. Веќе имаме партнер кој ќе ги пласира производите на „Црноморското злато“ на пазарот во Северна Македонија. Се надевам дека ќе запознаеме колку што можеме повеќе клиенти тука и повеќе визби да продаваат вино во Северна Македонија. Но, ќе помогнеме и вина од Северна Македонија да се позиционираат уште подобро на бугарскиот пазар. Синоќа дегустиравме македонски вина. Тие се навистина прекрасни, со квалитет на светско ниво, истакна Чорбаџиски. Бугарија и Северна Македонија, додаде, се мали држави, но ако работат заедно, многу подобро ќе се позиционираат на светскиот пазар. -Идејата е да ги ставиме нашите балкански вина на светска винска мапа, каде што им е и местото, подвлече Чорбаџиски.



Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов смета дека виното е мост за соработка и дополнително зближување на двете земји. -Ако успееме да направиме ваков проект, тоа навистина ќе биде историски чекор и историски пробив. Не помнам кога се продавало бугарско вино во Северна Македонија. како дипломатска служба, ќе направиме се за да го помогнеме процесот. Целиот пакет од интензивни разговори што се водат меѓу двете држави е врзан со идејата за нивно отворање една кон друга, посебно во економската област каде што има огромни можности. производството на вино е една од тие опции, потенцира амбасадорот. Кирил Валчев кој го водеше настанот, предочи дека Бугарија го познава одличниот вкус на ракијата „Тиквеш“ која може да се најде во ској бугарски ресторан, а ги познаваме вкусовите и на македонските вина. -Срамота е граѓаните тука, во Северна Македонија, да не го познаваат вкусот на нашите ракии и вина кои се прекрасни, дополни Валчев.
По презентацијата, присутните имаа можност и да ги дегустираат бугарските вина. Во 1999 година во земјава се увезени околу 100 000 литри бугарски вина по што оваа бројка се намалувала иако, како што беше нагласено на промоцијата, Бугарија е сериозен вински производител и според податоците на ЕВРОСТАТ во 2018 година реализирала извоз од над 30 милиони евра. Презентацијата беше организирана во рамки на серијалот „БТА претставува“ чија идеја е да се промовираат различни области во кои македонскиот и бугарскиот народ можат да соработуваат.

Извор: https://opserver.mk/biznis/bug...