Планинарскиот-спортски клуб „Голак” од Делчево викендов во сопствена организација реализираше планинарски марш за искачување на врвовите Пелистер и Илинден. Маршот како што информираше претседателот на клубот се реализирал во соработка со нивни членови од соседна Бугарија.

-Маршутата беше долга 22,5 километри која ја започнавме од Инфо Центар на 1350 метри надморска висина, потоа се движевме низ месностите Палиснопје, Кунина Стена, Вирој се до Врвовите Илинден на 2541 метри надморска висина и врвот Пелистер на 2601 метар надморска висина, информираше претседателот на ПСК „Голак“ од Делчево, Љупчо Чучуковски.

Временските услови, како што додаде, биле со утрински ниски температури, со идеално сончево време, голема видливост и со слаб ветар.

-Ова се двата највисоки врвови на планината Баба во атарот на село Магарево, Општина Битола. Пријателите од Бугарија беа воодушевени од планината Баба која е планина на ендемичниот вид дрво Моликата. Исто така беа задоволни од преубавиот поглед кон Преспанско езеро и градот Битола, додаде Чучуковски.

Со реализација на вакви и слични шланинарски маршрути од делчевскиот планинарски клуб најавија дека ќе продолжат и понатаму.

Извор:https://tribuna.mk/